DOM zname

Европа ја профилира науката како фундаментален аспект на развојот на општеството. Новите технологии се основа на општествениот и економскиот развој. Токму затоа и Европскиот Совет во дефинирањето на европските стратешки цели ќе каже дека ЕУ треба да стане најконкурентна и најдинамична економија на светот која се темели на знаење, способна за самоодржлив економски развој со бројни и подобри работни места и со поголема општествена поврзаност. Науката и високото образование треба да бидат движечката сила и на Македонија, беше кажано на трибината на ДОМ на тема „Законодавството и политичките состојби во високото образование и науката“.

Македонија треба да добие модерен и ефикасен европски ориентиран систем за образование и наука, а тоа се и трајните определби и заложби на ДОМ. Новиот предлог закон не покренува некои суштински прашања, кои се важни за квалитетот на високото образование. Ставот на ДОМ е дека не можеме да бараме европски критериуми за развој на високото образование, доколку не обезбедиме европски услови.

Законот за високо образование во изминатите години е менуван со амандмани, а последните измени беа со намера да се заокружи тој процес. Мирчев нагласи дека има потреба да се преиспитаат законските измени во смисла да се дискутира за поширокиот систем на прашања и контекстот кои го засегаат високото образование.

Основната забелешка е дека предложените измени се однесуваат на високото образование, а не и на науката и научните истражувања, а тие се тесно поврзани и се услов на новиот закон. – истакна проф. д-р Димитар Мирчев, претседател на Советот на ДОМ. Забелешките се однесуваат и на несистемското решавање на проблемите: Научната дејност е запоставена и во Министерството за образование и наука, каде нема посебни органи кои ја водат науката како дејност; средствата за образование се значително зголемени, но не и за науката; законските измени важат само за државните универзитети, па затоа не е можен заеднички, усогласен, паралелен развој на високото образование и науката кој е неопходен. Затоа ДОМ пред две години предложи формирање посебно министерство за високо образование, наука и технолошки развој кој ќе ги решава проблемите во оваа сфера.

Потпретседателот на ДОМ проф. д-р Соња Лепиткова истакна дека интересот на младите да се вклучат во науката и високото образование сè повеќе опаѓа, имаме голем одлив на висококвалитетни стручни кадри и не се создаваат услови за афирмирање на оние кои остануваат во Македонија. Со децении во системот на образование негуваме конзервативизам, а не иновативност, а улогата на универзитетите е да бидат авангарда и движечка сила на развојот на општеството. Затоа универзитетите не смеат да се заобиколат во креирање на законот за високо образование, и за поздравување е фактот што се отвори јавна дебата, во која ДОМ активно се вклучува.

Државата треба да биде креатор на теми кои се во функција на развојот и да ги постави пред Министерството за образование – кога тоа ќе се случи, тогаш е можен развојот. Науката и економскиот развој одат рака под рака и ДОМ и понатаму ќе биде посветен на ова прашање, истакна Лепиткова.