Тинеке Стрик, европратеничка, портпаролка на Зелените/ЕФА за Северна Македонија

Маја Морачанин, пратеничка и лидерка на Зелената партија ДОМ

Актуелното бугарско вето, што го блокира почетокот на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, ја загрозува политичката стабилност во Северна Македонија, кредибилитетот на блокот во целиот регион и може да претставува опасен преседан за пристапувањето на другите земји од Западен Балкан во ЕУ. Затоа, сите земји-членки, Европската комисија и Европскиот парламент треба да извршат максимален притисок врз Бугарија за да се откаже од своето вето и да се обезбеди прогресивно продолжување на процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ.

European Greens DOM ZNAME

Европската комисија и парламент, секогаш заземале многу јасен и конзистентен став кон интегрирањето на Северна Македонија. Од 2009 година наваму, Комисијата давала позитивни препораки за отворање на преговорите, засновани врз официјалните политички критериуми за пристапување, дефинирани на состанокот на Европскиот совет во Копенхаген во 1993 година. Оттогаш, Европскиот парламент ги прифаќа препораките на Комисијата, поточно препорачаните резолуции, повикувајќи ги европските лидери да го направат следниот чекор во пристапниот процес.

Сепак, процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, сега е во застој поради проблеми што не се однесуваат на официјалните пристапни критериуми. По позитивната оценка на Комисијата во 2009 година, тој процес е заглавен на лидерско ниво на ЕУ.

Потребното едногласно одобрување не беше постигнато заради билатералните спорови со Бугарија, односно со Грција. По изборот на проевропската Влада на Северна Македонија, се чинеше дека главните пречки се отстранија, токму кога земјата се согласи на Договор за добрососедски односи со Бугарија и на Преспанскиот договор со Грција.

Следната пречка, неочекуваната блокада од страна на Франција, Холандија и на неколку други земји-членки, беше надмината со усвојувањето на нова методологија за пристапување. Кога во март лидерите на ЕУ конечно можеа едногласно да го одобрат почетокот на преговорите, се чинеше дека патот за отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија е отворен. Како и да е, Бугарија се повлече и сега го „киднапира“ процесот на пристапување поради билатералниот културно-историски спор, држејќи ја Северна Македонија во чекалната на ЕУ уште подолго.

Во текот на овој процес, Северна Македонија континуирано ја демонстрираше својата определба за европска иднина. Скопје ги прифати препораките на ЕУ многу сериозно и целосно заврши неколку длабоки реформи, како што се законите за борба против корупција и недискриминација, го подобри судскиот систем и придонесе за севкупното подобрување на владеењето на правото. Земјата го смени своето име, решавајќи го долгогодишниот билатерален спор со Грција, со што се овозможи пристапување во ЕУ и НАТО.

Лидерите на ЕУ треба да сфатат дека играат многу опасна игра со проевропската поддршка и со политичката стабилност на Северна Македонија. Кога ЕУ не го исполнува ветувањето, други странски актери ќе се активираат и ќе го зголемат своето влијание во земјата, тренд што е веќе видлив во целиот регион на Западен Балкан.

Земјите од регионот внимателно го следат процесот во Северна Македонија и сегашното вето поврзано со билатерално прашање. Допуштањето националните интереси на една земја-членка да надвладеат над официјалните критериуми за пристапување, може да претставува лош преседан за сите регионални земји-кандидати за интегрирање во ЕУ. Тоа го поткопува и кредибилитетот на ЕУ и мотивацијата на земјите да се вклучат во процесот на пристапување. На Европа и треба успешен процес на пристапување на земјите од Западен Балкан, доколку сака регионална стабилност и одржлива иднина за младите генерации. Особено Бугарија, со оглед на нејзината географска положба, треба да сфати дека е меѓу првите што имаат полза од стабилноста во регионот на Западен Балкан.

Затоа, укинувањето на бугарското вето треба да биде врвен приоритет за ЕУ. Досега, притисокот на јавноста врз Бугарија беше само од страна на Европскиот парламент и тоа на иницијатива на Зелените. За да предизвикаат вистинска акција, на земјите-членки и на Европската комисија ова прашање треба да им биде приоритет и да го отворат патот на Северна Македонија кон членството во ЕУ.

Одбери јазик

mkendefrsqtrsrnl

Пребарување

Контакт

ДЕМОКРАТСКА ОБНОВА НА МАКЕДОНИЈА - ДОМ 

ул. Даме Груев бр.5, зграда 1, влез 2, кат Мезанин
1000 Скопје, Република Македонија

Телефон 02/5112-900

Фах.        02/5112-900

e-mail: dommakedonija@yahoo.com

Претседателка: Маја Морачанин  
e-mail: m.morachanin@yahoo.com
тел: 02/5112-900 02/3224-150 

Социјални медиуми

Анкета