Press

ДОМ го поддржува граѓанскиот протест за сочувување на зеленилото во општина Карпош и бара локалната власт веднаш да ги повлече спорните детални урбанистички планови и да овозможи транспарентна јавна дебата. Бизнис интересите не смеат да бидат ставени пред правото на граѓаните на хумано живеење во здрава животна средина. Неразбирливо е како се дозволува натамошно уништување на зелените површини во услови кога Скопје е еден од најзагадените градови во Европа!

Некоректно е да се подбуцнуваат граѓани од истата општина едни против други, злоупотребувајќи го правото на дел од нив на материјална оштета за некогаш одземените имоти. Општината е должна на оштетените граѓани да им ги плати одземените имоти со соодветна цена, како за градежно земјиште, или да им ги компензира со друго земјиште, зависно од меѓусебната спогодба. Но парковите треба да останат паркови, зошто се јавен интерес  на жителите на овие прекрасно проектирани населби, според високи стандарди за хумано урбанистичко планирање и градење!  -   рече  Маја Морачанин портпаролката на ДОМ.

Во оваа прилика уште еднаш потенцираме дека само прецизна законска регулатива ќе обезбеди институционална заштита на зеленилото  во урбаните средини. Затоа ги повикуваме сите граѓани, граѓански организации и политички партии да ја дадат својата поддршка на Законот за зеленило кој е во собраниска процедура по трет пат во изминативе две години! Го изработи Комисијата за екологија на ДОМ во соработка со експерти од повеќе институции, а поминати се серија јавни расправи во Градот Скопје и сите општини од ЗЕЛС, со препораки да се донесе законот. Постои и јавно ветување од септември 2015 година од страна на министерот за Транспорт и врски, Владимир Мисајловски, дадено како одговор на пратеничкото прашање на Лилјана Поповска, дека самото министерство подготвува ваков закон и за 2 (две) недели ќе го дадат во Собрание. Поминаа 5 месеци од ветувањето на министерот, поминаа 5 години од идеата за Закон за зеленило, до кога ќе се бега од решението и во каква средина ќе им живеат децата на сите тие што бегаат од него??- изјави Тони Ристов портпаролот на ДОМ .