Од 28 мај до 05 јуни се одбележуваат денови на животната средина. Светскиот ден на животната средина што го одбележуваме на 5 јуни е под мотото - ВРЕМЕ Е ЗА ПРИРОДАТА.

сладјана.jpg

Ова мото повикува на акција против забрзаната загуба на видовите и деградацијата на природниот свет. Еден милион растителни и животински видови се изложени на ризик од истребување, најмногу заради човечки активности. Оваа година на Светскиот ден на  животната средина, од нас се бара да се преиспитаме како се развиле нашите економски системи и какво влијание имаат тие врз животната средина. Ова се прашања што светот не може да ги изгуби од вид дури и кога владее пандемија на коронавирус и климатска криза. 

Биолошката разновидност е претставена со варијабилноста на живите суштества што го сочинуваат животот на Земјата и екосистемите што ги населуваат – океаните и коралните гребени, планините, полињата, реките и езерата. Досега се познати околу 8 милиони видови на планетата - растенија и животни, габи и бактерии. Екосистемите обезбедуваат бројни екосистемски услуги, односно го одржуваат човековиот живот на безброј начини: го чистат воздухот, ја прочистуваат водата, обезбедуваат достапност на храна, лекови и суровини и придонесуваат кон намалување на појавата на катастрофи.

Природата е загрозена од различни антропогени влијанија. Бевме сведоци на пустошење на шумите од пожари во Бразил, САД и Австралија, инвазија на скакулци на Африканскиот рог и смрт на многу корални гребени. За време на пандемијата, КОВИД-19 - последен во низата епидемии на зоонозни заболувања - се покажа дека здравјето на планетата е поврзано со нашето здравје.

Можеме и мораме, поединечно секој од нас и организирано сите заедно, да дадеме придонес за заштита на природата:

  • да знаеме што се превзема во Македонија за заштита на животната средина и да помогнеме секаде каде што можеме,
  • да се бориме против климатските промени, да внимаваме со какво гориво ги загреваме нашите домови.
  • со акција и едукација до помалку пластика во нашата населба, град, држава, пред се пластика за една употреба,
  • да го намалиме отпадот, да рециклираме и да поттикнеме селектирање на домашен отпад,
    да комопостираме и во домашни услови,
  • да засадиме автохтони растенија во нашиот двор, на улица, во парк и во природа и на тој начин ќе ги заштитиме од исчезнување,
  • да се грижиме за птиците и животните кои се во нашата околина.

Тоа можеме да го направиме пред со едукација на граѓаните за биолошката разновидност, нејзиното значење и заштита, која опстојува со години наназад. Но, секако таа биолошка оаза како шо  ја нарекуваат Македонија, треба да се заштити  со конкретни мерки и активности за да се обезбеди нејзино одржливо користење поради благосостојбата на населението.


Светскиот ден на животната средина ни помага да ги преиспитаме нашите односи со природата, и како што јас го сторив тоа, очекувам и апелирам сите да го направат тоа, за доброто на сите нас и на нашата држава.

Слаѓана Стаменкова

претседателка на Комисијата за екологија на ДОМ