Како дополнителна мерка во вондредните услови предизвикани од корона вирусот, имавме неполн тридневен полициски час. После завршувањето на викенд полицискиот час, во градот наш убав, на виделина исплива сиот отпад од нашето живеење во овие 60-тина часови. Преполни контејнери и расфрлан смет, кеси со ѓубре по улици, тротоари и тревници, нови диви депонии, а старите дополнети со по уште некој ред. Социјалните мрежи и медиумите, беа полни со коментари, прилози и прашања, како е можно за време на домашен карантин и изолација да има толкав обем на отпад, а при тоа комуналните служби да останат без дозвола за движење за време на полицискиот час? Но да признаеме, отпадот е горка тема која долг период не мачи, револтира и фрустрира.

0 02 0a 283711fec93d2a160e5cea75ffc79468930d8c0ae15859a0bfd52d2942349413 5610a626

Сето ова на некој начин ме испровоцира, да ја спомнам темата за управување со отпадот. Навиките и практиките кои ги применуваме како граѓани, потрошувачи, лица и институции задолжени за менаџирање со отпадот, ни покажуваат дека како општество тешко ни оди справувањето со ѓубрето.

Отпадот е неизбежен нус-продукт од човековите активности, потрошувачки и социјално-општествени навики. Но многу повеќе, создавањето отпад е резултат на сегашниот економски модул и линеарната пракса на производство. Направени се голем број истражувања, кои укажуваат на просечно двојно зголемената потрошувачка на ресурси во европските земји, отколку што планетата Земја може да ги обнови.

На ова, секако влијае и растот на човечката популација и потрошувачките апетити. Нашата држава не заостанува многу од овие статистики и пресметки. Сето ова, едноставно ја наметнува потребата од постепено или итно напуштање на досегашниот линеарен економски модел и замена со циркуларен економски модел.

Сегашниот линеарен економски производствен пат се базира на „земи-произведи-исцрпи ресурси-отстрани-депонирај“, додека алтернативниот циркуларен пристап се потпира на регенеративен кружен модел, каде прозводите се дизајнираат за да може „повторно да се направат“ со што тие добиваат додадена вредност од повеќе аспекти. Концептот на циркуларната економија подразбира добро осмислен дизајн на производите со цел максимално искористување, преку обновување, поправка, реупотреба и рециклирање на материјалите на крајот од животниот век на производите. Со ваквиот пристап се минимизира депонирањето на отпад. Рециклирањето или реновирањето на заостанатите материјали придонесува за намалено исцрпување на природните ресурси, задржување на дел од прозводите и материјалите во системот на производство, со што се намалуваат трошоците за нивно повторно обезбедување, а сето ова позитивно влијае на регенерирањето на природните системи, а со тоа и на животната средина и климата.

За споредба, со линеарната економија се губи вредноста на материјалите и продуктите после нивниот животен циклус, се зголемува недостатокот на ресурси и енергија, што доведува до непостојани цени на пазарот, се зголемува количеството на отпад, деградацијата на животната средина и климатски промени. Со примена на циркуларната економија, вредноста на материјалите, производите и ресурсите се одржуваат и циркулираат во производствените процеси што е можно подолго, преку процесот на рециклирање се минимазира продукцијата на отпад, се влијае во корист на животната средина и обновување на енергијата, а со тоа и на пазарните цени.

Не е тајна или посебна наука дека отпадот е голем еколошки проблем на глобално ниво. Влијанието на т.н. диви депонии, врз животната средина е далеку од незначително. Тие се емитери на стакленички гасови (метан), органски микрозагадувачи, испарливи тешки метали. Исцедокот кој се создава како резултат на аеробните и анаеробни процеси ги загадува почвата и подземните води.

Тековната глобална пандемија предизвикана од вирусот Ковид-19, ги тестира не само здравствените капацитети на општеството. Управувањето со отпадот во време на пандемијата, бара дополнителна реорганизација и внимание од сите чинители во општеството. Производителите, надлежните власти и претпријатија, граѓаните...

Во ова време, навистина е предизвик имплементацијата на циркуларната економија, но истовремено истата може да се искористи како решение во овие услови. Како пример ќе ја наведам енормно зголемената потреба од заштитни средства, маски, ракавици и останати помагала за справување со вирусот во изминатите два месеци. Извесно е дека потребата од овие материјали, ќе се задржи и во следниот период. Можеби звучи несоодветно, но пандемијата која сега ја живееме не треба да не спречи во напорите за примена на алтернативните модели. Напротив, треба да се искористи како предизвик за нивна имплементација, со цел заштита на нашето здравје, опкружување, одржливост и стремеж кон нула отпад.