Изминатата 2019 година, меѓу останатото ќе ја паметиме и како година во која интензивно и гласно се говореше за превземање итни мерки и акција за намалување на климатските промени, глобалното затоплување, високата загаденост на воздухот и секако, штетното влијание врз животната средина и здравјето на луѓето. Во текот на годината, беа организирани голем број трибини, панел дискусии, конгреси, средби на светски лидери, активисти, економски експерти и научници со цел да се најде одговор на предизвикот за заштита на животната средина и превземање акција за намалување на штетното влијание од климатските промени.

0 02 0a 283711fec93d2a160e5cea75ffc79468930d8c0ae15859a0bfd52d2942349413 5610a626

Како запис на гласноговорноста на оваа тема, во 2019 година ќе остане забележана позната реченица на младата активистка Грета Тунберг “How dare you!” која го обиколи светот и обедини многу луѓе на планетата со една мисла, за спасување на светот и средината во кој ние опстојуваме.

Глобалното затоплување и последиците од затоплувањето се наметна како приоритет на многу светски сили и држави, а според Парискиот договор, сите членки потписнички, меѓу кои и нашата, се обврзаа на ограничување на глобалното затоплување меѓу 1,5⁰C и 2⁰C. Стотина научници беа здружени во анализирање на методи и изнаоѓање начин да се постигне целта и ограничи глобалното затоплување барем до 2⁰C во светски размери. Размислувањата и проекциите од анализите доведоа до заклучок од неопходна потреба за голема промена во однесувањето и навиките на целокупното општество. Промена во изворите на енергија и засилено користење обновливи извори на енергија, промена во индустриските технологии, во транспортниот сектор, промена во прехранбената индустрија и начинот на исхрана, промена во складирање и ракување со отпадот, економско и рационално користење на приородните ресурси. Едноставно, цела низа на превентивни мерки и чекори кои се очекува и наметнува да ги примениме во блиска иднина за да се превенира врз штетното влијание од климатските промени и се заштитиме ние и планетата на која живееме.

Еве сме сега, во вториот квартал од 2020 година.....Темата за климатските промени и итната акција протв нив, денес е ставена во сенка.

Денес, вниманието на светот и фокусот на јавноста се свртени кон справување со пандемијата предизвикана од вирусот COVID-19. Следејќи ги препораките на стручните лица, здравствените власти ширум светот и искуствата од прво погодените општества од епидемијата, сведоци сме на голем број промени во нашето однесување, дејствување и функционирање како поединци, но и како општество и цивилизација во целина.

За жал, промените доаѓаат не по наш избор или свесна реакција за евентуална заштита на животната средина, во која ние опстојуваме и агресивно во континуитет ја експлатираме.

Во обид да се ублажи или прекине синџирот на ширење на заразата, ставени сме во услови на изолација, ограничено движење, работење, социјално дружење, рационално однесување и штедење. Со ваквите наметнати и неопходни мерки, ние практично сега ја живееме промената која ете, во не баш посакувани услови, има влијание врз животната средина и климатските промени во повеќе аспекти. Промени за кои толку гласно и интензивно се апелираше, до пред само неколку месеци.

Според ББС, истражувања правени во Њујорк покажано е намалено ниво на јаглерод моноксид во воздухот, што е последица од намалениот интензитет на градскиот сообраќај во светски рамки.

Емисијата на CO2, што придонесува за климатските промени и затоплувањето на планетата, исто така бележи пад во изминатиот период. Намалувањето на емисиите на CO2 е директно поврзано со ограничувањата во индустријата и намалениот интензитет на патниот и воздушен сообраќај.

Според компанијата за мониторинг на податоци TomTom, нивото на загадување во сообраќајот се намалило за 13,5% меѓу 9. и 13. март во однос на истата недела во 2019 година. Измерено во време на голем сообраќаен метеж, загадувањето е намалено за повеќе од 26%.

Истражувачите од универзитетот Колумбија откриле дека емисијата на јаглерод моноксид паднала околу 50% во текот на неколку дена во истата недела и откриле намалување од 5% до 10% на СО2 во Њујорк. Наодите може да бидат прелиминарни, но тие се слични на влијанието врз животната средина, забележано во Кина и Италија, каде прекинот со работа трае со недели. Според Европската вселенска агенција, сликите од сателитот „Коперникус Сентинел-5П“ јасно покажуваат намалување на загадувањето на воздухот во европските земји Франција, Италија и Шпанија во текот на март, особено емисиите на азотниот диоксид (NO2). Ваквиот пад на атмосверското загадување е резултат на намалените или минимализирани индустриски активности во европските земји, кои ги затвораат своите економи во борбата против корона вирусот.

Низ социјалните мрежи протекоа снимки со исклучителни примери за слободно движење на животински видови како на копно така и во водите на места каде до пред два месеца тоа беше незамисливо. Во нашиот Охрид забележано е движење на прекрасните лебеди низ плоштадот на градот убав. На охридското пристаниште фотографиран е ендемскиот Голем Нуркач кој со години неможеше да се види на овие простори.

Тековната криза и многубројните промени кои несомнено имаат позитивен ефект врз природата и животната средина, влијаат на нашите досегашни навики и однесување на повеќе нивоа и како поединци но и како заедница и општество во целост. Во овие вондредни услови, нашето хипериндивидуалистичко однесување, потрошувачки и економски апетити се ставени во лер. Сега, нашите размислувања како индивидуи но и во светски рамки, се насочени кон справувањето со пандемијата и намалувањето на жртвите од пакосниот вирус. Светските лидери, голем број научници, епидемиолози забрзано работат на наоѓање начин за излез од кризата, која секако на долг пат, не води кон одржлив општествен систем.

Но, што после завршување на пандемијата? Дали светските индустриски гиганти, големи корпорации ќе ги вклучат максимум своите капацитети? Дали движечките сили на економските и политички системи ќе бидат моќни да одолеат на предизвикот за контролирано управување и дејствивање?

Дали по завршувањето на кризата трескавично ќе се вратиме на нашите стари навики или ќе излеземе помудри и попаметни дека на овој свет не сме сами. Како што сега сме солидарни и едниствени во намерата за справување со невидливиот COVID-19, наша обврска е, да покажеме солидарност кон решавање и справување со предизвиците кои ја заокружија минатата 2019 година. Со нашето корективно однесување и дејствување, влијаеме на нашата иднина.