Bojan UK

Од 30-ти септември, ноќта, до сега не можам да се ослободам од прашањето: што да се прави сега и како понатаму? Кој победи, а кој изгуби, кој е предавник, а кој е патриот? Во главата ми се имешаа и антиката и словенството и знамињата на Вергина и на независна Македонија...се прашувам дали го чуваме името или сиромаштијата, дали ги отвораме вратите кон ЕУ и НАТО или одиме по слепа улица?


            Како за почеток на секој календарски месец, состојбата е речиси иста. Личниот доход ќе стигне на сметка, а можеби не, работниците во фабриките можеби со задоцнување ќе добијат личен доход, а како што е вообичаено за мнозинството жители на нашата земја режиските и трошоците за преживување се повисоки од платите. Исто како иминатиот месец, како и пред тоа. Прашање е и дали ќе се земе К- 15, или ќе ни го дадат за да го вратиме. Се прашувам дали да се организира бунт поради неправдите што му се нанесуваат на работникот? Да се организира бунт поради лошото функционирање на здравствениот систем? Дали да започнеме уште сега да го бојкотираме нашиов менталитет?
            Се шегуваат моите другари, кој ќе останел последен во државава да го изгаси осветлувањето на аеродромот, да го оставел клучот под чергиче.  Но, истовремено се прашуваат – Па, добро, кому му е гајле што мислат младите за иднината на оваа земја, како пред референдумот, така и по него? Дали некој ги прашува – што сега и како понатаму? Секако дека има одговорни политичари што мислат на нас младите и на нашата иднина, но дали е тоа доволно што го прават?

            Многу прашања, многу дилеми. Дали Договорот со Грција ќе се ратификува во Парламентот, дали ќе има нови избори пред Нова година, дали ни претстои нова политичка криза? Можеби најдобра варијанта е Договорот со Грција да „помине“ во Собранието, за што треба да се обезбеди двотретинско мнозинство и опозицијата да биде доблесна и да го направи тој чекор заради нашата европска иднина. А, доколку се случи да има предвремени парламентарни избори, тогаш е неопходно прочистување на избирачкиот список, зашто список со над 1.800 000 е невозможно да има, доколку се знае дека над 400.000 лица се иселени од Македонија само во последниве 5-6 години.  Секако, покрај прочистувањето на избирачкиот список, нам во државава ни е потребно да спроведеме и попис!
            Што сега? Како натаму? Избори или ратификација на Договорот со Грција во Собрание? Засега нема јасни предлози, нема излезни решенија, нема идеи за разумна разврска на политичката криза во која може лесно уште повеќе да загазиме. Затоа ми се чини дека новата политичка криза е тука на прагот, веќе чука на вратите и треба брзо да се реагира со добри решенија за државата.  Во спротивно, таквата ситуација може многу лесно да предизвика нов бран на незадоволство кај народот, нов бран на заминувања во странство на млади и квалификувани кадри и повторување на рефренот од старата народна песна - „Туѓината пуста да остане“, кој што не посакувам ниту јас, ниту моите другари, пријатели и познаници, тоа да ни се случи.

Одбери јазик

mkendefrsqtrsr