| ТОПОНИМИТЕ НЕ СЕ ПРЕВЕДУВААТ |
|
|
| Среда, 29 Јули 2009 15:21 |
|
На денешната прес конференција пратеникот и иницијатор на Годината на македонскиот јазик, Лилјана Поповска од ДОМ укажа дека треба да се почитува Законот за безбедност во сообраќајот, донесен во 2007 година и во склад со Рамковниот договор, во кој се регулира пишувањето на сообраќајните знаци во Република Македонија. Имено, според член 195, сообраќајните знаци се пишуваат на македонски јазик со кирилично писмо, како и на англиски и на француски јазик. Во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, се пишуваат и на тој јазик и писмо. Веројатно поради грешка во ЈП Македонија пат кое ги поставува сообраќајните табли, англиската, односно француската верзија, се на некои места пропуштени. Дополнително, укажа дека се прави грешка кога се "преведуваат" топонимите, како имиња на места. Имено, науката за јазик не познава превод на топоними, туку транскрипција и транслитерација. Сугерираше да се разгледа пошироко законската регулатива за ова прашање и онаму каде што треба да се појасни или поправи, во консултација со стручните лица од Институтот за македонски јазик, од одделот за ономастика. Ова е важно, за да не ни се случи во иднина нашите топоними да ги најдеме изменети во светски изданија на атласи и други публикации. |





